Од МЖСПП посочуваат дека планината Водно долго време чекаше на добивање на статус на заштитено подрачје, согласно постојното законодавство за заштита на животната средина, кое е единствената алатка за овозможување на ваква правна интегрирана заштита во земјава.

– Работевме напорно за исполнување на нашата обврска за ревалоризација и прогласување на заштитените подрачја како Министерство и се потрудивме да ја обезбедиме максималната заштита согласно законот. Сега следи процесот на подготовка на потребните акти и планот за управување со конкретни мерки, за кои исто така ќе има процес на јавна консултација и ги поканувам експертите и целата јавност да учествуваат во операционализацијата на оваа заштита на вистинскиот начин, изјави министерот за животна средина на просторно планирање Насер Нуредини по повод донесената одлука.

Со прогласувањето на дел од Водно за заштитено подрачје согласно националната регулатива, ќе се овозможи: заштита, зачувување и одржливо користење на природните вредности. Град Скопје се назначува како субјект за управување кој ќе се грижи за подрачјето и ќе се донесе План за управување, кој во себе ќе ги вгради сите потребни мерки и активности за заштита на природата, а особено мерки за управување со просторот и утврдување на систем на мерки и активности за заштита од пожари и други природни катастрофи, меѓу кои и мерките за заштита од ерозија.

-Препознавајќи го исклучителното значење на планината Водно и нејзините повеќекратни функции за околните населени места и Град Скопје, по екстензивните јавни консултации и усогласувања на предлогот, беше извршено дополнување на Одлуката со што се предвидува подготовка и на Просторен план на подрачјето, се обезбедува исполнување на обврската на локалната самоуправа за утврдување на границите на ерозивни подрачја, како и се забранува изградба на нови објекти, доградба и надградба на постојните и проширување на урбаните опфати на населените места на територијата на заштитениот предел – Водно. Важно е што Водно ја доби заштитата согласно постојното законодавство, а во меѓувреме доколку се изработи нова идеја за подобра заштита и регулатива, таа секогаш може да биде дополнително предложена и изгласана од Собранието, укажа Нуредини.