Американскиот технолошки гигант Nvidia изгуби приближно 335 милијарди долари пазарна вредност на почетокот на денешното тргување на Волстрит.
Акциите на водечкиот светски производител на чипови за вештачка интелигенција паднаа за речиси 7,5 отсто, откако компанијата покрена истрага за афера во која е вмешан нејзиниот извршен директор, Џенсен Хуанг, и неговите наводни врски со жена која американските разузнавачки служби ја поврзуваат со кинеска шпионажа.
Цената на акциите на Nvidia падна на 172,75 долари, од 186,64 долари колку што изнесуваше при затворањето на пазарот во петокот. Како резултат на тоа, пазарната вредност на компанијата за кратко време се намали од приближно 4,5 трилиони долари на 4,16 трилиони долари.
Падот уследи по признанието на Хуанг дека ѝ бил неверен на својата сопруга. Американските медиуми претходно известуваа за неговата наводна врска со кинеска деловна жена по име Алис Хуанг, за која американските разузнавачки служби се сомневаат дека собирала информации во корист на Пекинг.
Управниот одбор на „Nvidia“ покрена независна истрага за да утврди дали оваа врска можеби ги загрозила деловните податоци на компанијата или националната безбедност на САД.
Од „Nvidia“ изјавија дека во моментов немаат причина да веруваат оти деловните тајни на компанијата или податоците важни за националната безбедност се загрозени, но напоменаа дека истрагата ќе ги опфати сите достапни информации.
Џенсен Хуанг е еден од основачите на „Nvidia“ и ја води компанијата уште од нејзиното основање во 1993 година. Под негово водство, „Nvidia“ стана водечки производител на чипови што ги придвижуваат напредните системи за вештачка интелигенција. Затоа, инвеститорите не се загрижени само поради можна безбедносна закана, туку и поради прашањето за иднината на Хуанг на чело на компанијата.
Аналитичарот Ден Ајвс предупреди дека Хуанг е исклучително важен за работењето на „Nvidia“ и дека неговото евентуално заминување би можело да претставува сериозен проблем за компанијата.
