Првата дама на Соединетите Американски Држави, Меланија Трамп, помогна уште девет руски и украински деца повторно да се обединат со своите семејства. Со оваа постапка вкупниот број на деца вратени кај нивните најблиски преку хуманитарни активности достигна 43, соопшти официјално Белата куќа.

Станува збор за вкупно седми ваков случај на успешно спојување на деца разделени од своите најблиски за време на воениот конфликт меѓу Русија и Украина, во кој директно посредуваше првата дама на САД.

Од нејзината канцеларија информираа дека ова обединување било овозможено благодарение на целосната соработка меѓу руските и украинските власти. Притоа не беа соопштени конкретни детали за идентитетот на вратените малолетници, ниту за околностите под кои тие биле одвоени од своите домови.

„Можеме да го излекуваме светот преку мирот, а мирот почнува со нашите деца“, порача Трамп.

Таа нагласи дека секое поединечно дете вратено кај своите родители претставува важен чекор на човештвото кон подобра иднина.

Според нејзините зборови, децата кои се најдоа под влијание на конфликтот не можат да разберат зошто географијата и одлуките на владите ги довеле среде воените ужаси. Таа порача дека останува целосно посветена на продолжување на сите активности за спојување на разделените семејства.

„Наша морална обврска како возрасни е да ги издигнеме нашите деца над поделбите што ја поттикнуваат војната“, изјави Трамп.

Најавата за најновото обединување уследи по претходното посредување за воспоставување локален прекин на огнот во градот Олешки и во Херсонскиот регион во јужниот дел на Украина. Од Белата куќа наведоа дека со овие мерки биле заштитени речиси 800 животи и била овозможена достава на храна, чиста вода, лекови и соодветна медицинска нега за загрозеното население.