Дваесет и едногодишен жител на Струмица е лишен од слобода по пријава дека извршил обљуба врз малолетно девојче на 12-годишна возраст. Настанот, според официјалната полициска пријава, се случил на 23 ноември на подрачјето на градот.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Струмица го привеле лицето Ф.С. (21), поради постоење основи на сомнение дека е сторител на кривичното дело.
„На 23.11.2026 полициски службеници од СВР Струмица го лишија од слобода Ф.С. (21) од Струмица, постапувајќи по претходна пријава дека истиот ден во Струмица извршил обљуба врз 12-годишна малолетничка“, соопштуваат од МВР.
За целиот случај веднаш биле известени надлежен јавен обвинител и стручните служби од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Струмица.
Полицијата најавува дека по целосното документирање и расчистување на настанот, против приведениот струмичанец ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до обвинителството.
