Основното јавно обвинителство Крива Паланка прими кривична пријава против три лица, татко и неговите две ќерки. Тие се сомничат за сторено кривично дело тешка телесна повреда согласно член 131 став 1 од Кривичниот законик.

Пријавените лица, по претходно недоразбирање околу добиток, најпрво започнале вербална расправија, по што физички нападнале жена од селото Дрење. Напаѓачите ја влечеле, ја туркале и ѝ упатувале закани.

При падот на земјата оштетената се здобила со тешка телесна повреда, односно скршеница на левиот скочен зглоб на ногата.

Надлежните органи постапуваат по пријавата во редовна постапка со зголемена итност за што побрзо донесување јавнообвинителска одлука. Воедно, издадена е наредба за вештачење на видот и карактерот на повредите и се обезбедуваат дополнителни материјални докази.

Имајќи го предвид претходното однесување на пријавените и другите постапки што се водат против нив, надлежниот јавен обвинител прави проценка за предлагање мерки за претпазливост во текот на истрагата.