Патничките возови меѓу Скопје и Битола повторно сообраќаат по речиси еден месец прекин. Железничката врска беше запрена на 22 јуни поради градежни работи на пругата, а од 15 јули во функција се вратени две од трите линии предвидени со годишниот возен ред.
Од „МЖ Инфраструктура“ информираат дека работите се завршени на делницата од железничката станица Бакарно Гумно до товариштето „Никола Карев“, како дел од пругата Скопје – Битола – Жабени. Со завршувањето на интервенциите повторно е овозможен патнички сообраќај во двата правци.
Од Скопје кон Битола возовите тргнуваат во 7:06 и во 20:05 часот, додека од Битола кон Скопје поаѓањата се во 3:10 и во 18:22 часот. Пладневниот воз кон Битола сè уште не е вратен, како што не сообраќа ниту пладневната линија кон Велес.
Покрај возовите за Битола, на македонските пруги моментално сообраќаат и линии кон Гевгелија и Куманово, но во ограничени термини во текот на денот. Железничкиот сообраќај кон Кичево и Кочани и натаму е во прекин, состојба што трае од мај 2021 година.
