ОБСЕ може да помогне во процесот на евроинтеграција на Македонија, како и во олеснување на односите со соседните земји. Ова го изјави министерот на Сојузниот оддел за надворешни работи на Швајцарија и претседавач со ОБСЕ, Ињацио Касис, по средбата во Скопје со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Во фокусот на разговорите меѓу двајцата дипломати беа продлабочувањето на билатералната соработка, зајакнувањето на економските и трговските врски, како и поддршката за стабилноста на Западен Балкан и европската интеграција.

Касис нагласи дека просперитетот и стабилноста на Западен Балкан претставуваат приоритет за Швајцарија и за целиот регион на ОБСЕ, при што ја поздрави и поддржа европската перспектива на земјата за која оцени дека ќе придонесе за зајакнување на нејзината позиција во поширокиот безбедносен и политички контекст.

„Ние сакаме да се задржи довербата бидејќи, без доверба, нема безбедност, а без безбедност – нема ни просперитет. Тоа се трите концепти што Швајцарија ги избра како слоган за ОБСЕ“, порача Касис.

Тој посочи дека организацијата може да помогне во процесот на интеграција преку набљудување и анализа на состојбите во владеењето на правото, како и преку олеснување на односите со соседните земји. Во таа насока, Касис нагласи дека ОБСЕ преку својата мисија во земјата е подготвена да продолжи со континуирана поддршка.

„За организации како ОБСЕ ова е моментот кога треба да бидат корисни. Лесно е да се биде организација во која се разговара за убави работи и за кои сите се согласуваат. Многу потешко е да се биде организација што треба да се соочи со длабоки несогласувања во толкувањето на реалноста и во однос на иднината што треба да им се обезбеди на земјите“, рече шефот на швајцарската дипломатија.

Тој упати јасен апел до државите активно да ја преземат одговорноста за одржување на дијалогот, подвлекувајќи дека токму градењето мостови е една од основните задачи на ОБСЕ.