Управата за јавни приходи предаде специјално опремено патничко возило на Јавната установа од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи — Универзитетски клиники, завод и Ургентен центар—Скопје. Возилото располага со пристапна рампа и е наменето за транспорт на лица со попреченост и со намалена подвижност. Според владина одлука, возилото се отстапува на трајно користење без надомест.
Клучевите од возилото ги предаде директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, на министерот за здравство, Сашо Клековски, и на директорот на Јавната установа, Башким Бакиу. На свеченото примопредавање присуствуваше и заменик-директорот на УЈП, Кемал Кроси.
„Вредноста на јавниот имот не се мери единствено преку неговата книговодствена евиденција, туку и преку придонесот што може да го даде за граѓаните. Наша одговорност е со јавните ресурси да управуваме совесно и рационално, овозможувајќи нивно искористување таму каде што можат да создадат дополнителна општествена вредност“, истакна Петрова.
Ова примопредавање претставува дел од редовните активности организирани по повод Денот на даночните работници – Св. „Матеј“.
„Возилото ќе има секојдневна употреба. Секој ресурс што им ја олеснува патеката на пациентите до здравствената заштита е добредојден — особено за лицата со попреченост, за кои самиот превоз честопати е најголемата пречка“, рече Клековски.
Покрај доделувањето на специјалното возило, од Управата за јавни приходи се донирани и финансиски средства за Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“, наменети за целосно обновување на амбулантско-поликлиничкиот дел на установата.
