Основното јавно обвинителство Куманово поднесе обвинение против 25-годишен жител на Старо Нагоричане, кој се товари за четири убиства и два обиди за убиство извршени во период од нешто повеќе од една година во кумановскиот регион. За делата за кои е обвинет, според член 123 став 3 од Кривичниот законик, му се заканува казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.
Станува збор за случај што со месеци ја потресуваше јавноста, откако истрагата поврза повеќе смртни случаи на жени од рурални средини со ист сторител. Според обвинението, првото убиство било извршено ноќта меѓу 5 и 6 јануари 2025 година во селото Клечовце, каде што обвинетиот усмртил повозрасна жена додека спиела во својот дом.
Второто убиство, според Обвинителството, се случило меѓу 5 и 7 јуни 2025 година во селото Драгоманце. На 22 јули истата година, во селото Челопек, обвинетиот се обидел да убие уште една жена, но таа успеала да го исплаши повикувајќи го својот син, по што напаѓачот избегал.
Следното убиство било извршено меѓу 17 и 18 јануари 2026 година во Старо Нагоричане, а потоа уште едно во Челопек, меѓу 5 и 6 февруари 2026 година. Последниот евидентиран напад бил на 9 февруари годинава, повторно во Челопек, кога обвинетиот се обидел да убие жена, но побегнал откако слушнал звук.
Обвинителството наведува дека вештачењата покажале оти делата биле извршувани од „други ниски побуди“, односно со намера обвинетиот да ги задоволува своите полови нагони врз телата на жртвите. Најголем дел од жртвите биле повозрасни жени кои живееле сами и биле особено ранливи.
Случајот привлече големо внимание во јавноста уште од моментот кога Министерството за внатрешни работи го приведе осомничениот. Во текот на истрагата биле извршени дополнителни вештачења и ексхумации на претходно починати жени, откако се појавиле сомнежи дека нивната смрт можеби не била природна.
Токму тие дополнителни истражни дејствија придонеле дел од случаите што првично биле заведени како смрт без сомнителни околности да бидат преквалификувани во убиства.
Јавниот обвинител побарал продолжување на мерката притвор за обвинетиот до завршување на судската постапка.
