На судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, по исказот на Велибор Манев, денеска својата верзија на настаните ја изнесе и обвинетиот Боре Видевски. Тој пред судот се прогласи за невин и тврдеше дека признанието кое претходно го дал било изнудено со физичко насилство во полициска станица и притвор.

Обвинетиот Видевски со објаснувања за деновите на убиствата и неговото движење

Според обвинетиот Видевски, во моментите кога настрадале Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска, тој бил на работното место. За денот на исчезнувањето и убиството на Жежовски, 22 ноември 2023 година, рече дека бил на работа, иако не знаеше кој од колегите може да го потврди тоа.

За 27 ноември, денот кога е убиена Вања, рече дека претходната вечер останал да преспие во просториите на партијата „Десна“ во Скопје, а утрото околу 10 часот се упатил кон Велес. Посочи дека не го носел мобилниот телефон со себе уште од претходниот ден.

„На 26-ти со колата дојде да ме земе и отидовме заедно во Скопје. Таму се задржавме доцна бидејќи имаше подкаст и други партиски активности. Преспавме во просториите на ‘Десна’. Во обвинителството кажав дека сум станал околу 10 часот, но можно е да било и порано.“

Снимките, партијата и наводната намера за литија

Обвинителството покажа видео каде обвинетите се гледаат заедно во куќата на Велибор Манев. Видевски рече дека станува збор за партиски собир. Според него, тоа бил состанок поради најавената промена на името на МПЦ – ОА, па во тој контекст „Десна“ планирала литија во Велес. Нагласи и дека снимките не се од датумите наведени од обвинителството.

Несигурности околу комуникацијата со Палевски и сопственото оружје

Одговарајќи на прашања на обвинителките, Обвинетиот Видевски не можеше прецизно да се сети дали и каква комуникација имал со првообвинетиот Љупчо Палевски во деновите кога се случиле убиствата.

Во врска со пиштолот со калибар 9 милиметри, кој го поседувал, тврдеше дека подолго време не знае каде се наоѓа. За фотографијата на Панче Жежовски со возилото „цитроен“, која му била испратена на мобилен од страна на Велибор Манев, тврдеше дека не се сеќава на таква порака.

Во однос на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, Видевски изјави дека не го познава.

Адвокатот  на обвинетиот Видевски тврди дека има докази за алиби

Одбраната на  обвинетиот Видевски тврди дека постојат конкретни докази за неговото присуство на работа на денот на убиството на Жежовски.

„Во исказот даден пред Обвинителството на 21 декември 2023 година, Видевски посочил конкретни лица кои работат со него во иста канцеларија на 22 ноември – денот кога е извршено убиството на Панче Жежовски. Дополнително, очекуваме како доказ да бидат прифатени и изјавите од вработени во ЈП Дерван кои можат да го потврдат неговото присуство таму.“ – изјави неговиот адвокат.

Манев го заврши исказот, Палевски повторно го напаѓа обвинителството

Со денешното рочиште, заврши и сведочењето на Велибор Манев. Toj претходно ги призна делата и ги посочи Палевски, Видевски и Кешишов како соизвршители. Првообвинетиот Љупчо Палевски и денеска упати барање за изземање на обвинителството.

Следното рочиште е закажано за среда, кога ќе биде прочитан исказот што Боре Видевски го дал во фазата на истрага. Потоа ќе следуваат прашања од останатите обвинети и нивните адвокати.