Тим државни обвинители од вчера ги контролираат предметите за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко во ОЈО Струга и во Вишото јавно обвинителство во Битола, а денеска од Судскиот совет ќе вршат проверки во Струшкиот суд, откако минатата недела тој е ставен на црната листа на САД поради сомнежи за корупција. Мерко, пак, вчера преку социјалните мрежи порача дека ќе биде отворен „за поддршка на правдата и за секој процес пред правосудните органи”. Премиерот Димитар Ковачевски соопштението на градоначалникот Мерко објавено на Фејсбук страницата на општина Струга го оцени како „Беседа за Вудро Вилсон“, потенцирајќи дека општината требаше веднаш да биде на располагање на истражните органи.

Според струшкиот градоначалник САД се сојузник и голем поддржувач на земјата и на градот Струга. – Од претседателот Вилсон па сѐ до ден денес, Соединетите Американски Држави се наш сојузник во секој предизвик и заедно реализиравме многу значајни проекти за државата, градот и граѓаните на Струга. Секогаш ја поздравувам и ја поддржувам континуираната американска поддршка за нашата земја и граѓаните на Струга, пишува Мерко, споделувајќи фотографии со американската амбасадорка Анџела Агелер.

Тој објаснува дека по најновиот развој на настаните во врска со одлуката на американскиот Стејт департмент, не сакал да комуницира во корист на процесите, за кои вели „ќе бидам отворен како и секогаш за поддршка на правдата и за секој процес пред правосудните органи“.

Секој документ и од негова страна, но и од Општина Струга, Мерко вели дека ќе биде навремено доставен до судските органи.

Притоа, во интерес на процесот, како што пишува Мерко, решил да ја замрзне секоја активност во партиските структури до затворање на важните процеси за сите.

Од државното Јавно обвинителство информираа дека четиричлена комисија од јавни обвинители од ЈОРСМ врши надзор на постапувањето во предметите поврзани со Мерко во Основното јавно обвинителство Струга и Вишото јавно обвинителство Битола, најавувајќи дека по целосните проверки на постапувањето, комисијата ќе изготви извештај.

Од Обвинителството во четвртокот соопштија дека има шест активни предмети против струшкиот градоначалник, посочувајќи дека исклучително сериозно ги земаат предвид сознанијата на американскиот Стејт департмент за потенцијално влијание од страна на Мерко врз постапките.

За случајот со струшкиот градоначалник вчера се огласи и Судскиот совет, оценувајќи ги како неосновани и неаргументирани тврдењата на Државната комисија за спречување на корупција за наводно непостапување, па дури и прикривање во овој случај. Од Судскиот совет ја повикуваат ДКСК да достави доказ дека претставката е навистина примена во Судскиот совет во 2018 година, кога сѐ уште течеле роковите за постапување. Од Советот, меѓу другото категорично одбиваат СС да биде, како што наведуваат, неправедно етикетиран и вбројуван во институции, кои наводно свесно помагале во забошотување на предмети поврзани со струшкиот градоначалник, а уште помалку дека во позадина се некакви политички влијанија.

Оттаму информираат дека денеска тричлена комисија предводена од координаторот за струшкиот суд, Миљазим Мустафа, ќе го посети Судот во Струга и ќе разговара со тамошните судии за да провери дали имало притисоци, по што во најскоро време ќе биде изготвен извештај, кој ќе биде презентиран пред членовите на Судскиот совет, но и пред јавноста.

– Воедно, сакаме да потсетиме и дека одлуките и процесните дејствија на првостепените судови подлежат на контрола на повисоките второстепени судови. Од своја страна, Судскиот совет апелира и до сите надлежни институции докрај да се истражи овој случај, но бара од нив да бидат внимателни во изнесувањето на информации во јавноста, со цел дополнително да не се поткопува довербата на граѓаните во правосудниот систем, посочуваат од Судски совет.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, вчера во Свети Николе истакна дека Општина Струга требала веднаш да биде на располагање на истражните органи.

-Гледав дека тој на социјалните медиуми има една беседа за Вудро Вилсон со американски знамиња, каде што кажува дека општината е отворена за сите истражни органи кои треба да ги испитаат наводите и основите врз основа на кои тој се најде на црната листа. Тоа што тој го избеседи сабајле јас всушност го бев кажал и првиот ден, дека општината треба да биде веднаш на располагање, да бидат направени сите проверки, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање во Свети Николе.

И од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека струшкиот градоначалник Рамиз Мерко има обврска да соработува со институциите.

-Јавното обвинителство и другите институции имаат право да извршат увид во вкупната документација на општина Струга и се што е поврзано со Мерко, ако отворат случај, и тоа не е на волја на Мерко дали ќе им дозволи или не, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Стејт Депарментот на 20 јуни го стави Рамиз Мерко на „црната листа“ поради наоди за негова вмешаност во значителна корупција, злоупотреба на фондови и мешање во судството. Санкциите на САД се насочени и кон сопругата на Мерко, како и неговите три деца.