Во математичка писменост од 58 држави, нашите ученици се на 44 место. Во природни науки сме три места подолу, односно на 47 место. Ова се резултатите од последното меѓународно ТИМСС тестирање што беше спроведено во 2023 година, по петти пат во нашата држава. Тестирани беа ученици од четврто одделение, на македонски и на албански јазик и за прв пат електронски.
И оваа меѓународна компаративна студија покажа дека на нашиот воспитно-образовен систем му се потребни крупни промени, за да можат нашите ученици да ги подобрат знаењата. Затоа, делуваме во сите сегменти на образованието, почнувајќи од основното, постепено и со консултација со сите засегнати чинители.
Најавивме и во сè поголем број училишта реализираме продолжен престој во училиште, како можност за повеќе наставни и воннаставни активности, подобро совладување на материјалот, стекнување на нови вештини, развивање на интереси. Преку процесот на оптимизација, градиме ефикасна училишна мрежа која ќе доведе до најдобар успех на учениците со рационално користење на ресурсите. Го реформираме гимназиското образование, го прошируваме концептот на дуално образование и развиваме нови регионални центри за стручно образование и обука. Наставниците продолжуваат со сериозни обуки, затоа што тие се темелот на целиот воспитно-образовен систем.
Подобрување на резултатите на државата на меѓународните тестирања ќе дојде само како резултат на реално подобрување на квалитетот на целиот воспитно-образовен систем и на тоа континуирано работиме.
TIMSS (Trends International Mathematics and Science Study) е интернационална студија во која се мерат постигањата на учениците по математика и природна група предмети (природни науки, физика, хемија, биологија), како и факторите кои влијаат на тие постигања.
Во меѓународни рамки, Сингапур го држи првото место и по математичка писменост и по наука.