За повеќе од 330 илјади пензионери мартовската пензија ќе биде повисока за 1.000 денари со што се реализира договорената директна интервентна финансиска помош која со истата сума ќе биде вклучена и во април и мај. Исплата на мартовските пензии почнува денеска.

Мартовските пензии преку мрежата банкомати ќе бидат достапни од денеска, а готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, банките ќе исплаќаат во четири групи според висината на пензијата, и тоа за пензии со висина до 11.000 денари денеска – 29 март, за пензии со висина 11.001-14.000 денари на 30 март (среда), за пензии со висина 14.001-18.000 денари, на 31 март (четврток) и за пензии со висина над 18.001 денари, исплата ќе се врши на 01.04.2022 година (петок).

Финансиската поддршка, како и зголемувањето на пензиите според новата методологија, ќе бидат исплатени од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување со што, како што нагласија од Владата кога оваа одлука за зголемување на пензиите беше соопштена, се потврдува неговата стабилност како резултат на добрите економски политики на Владата и на успешното менаџирање на Фондот и креираните резерви.

Сето ова Владата го остварила без да ги зголеми стапките за пензиски придонеси, односно без дополнително оптоварување на бизнисот и низ отворен дијалог со сите засегнати страни со што се постигнало одржливо решение за континуиран раст на пензиите, а со тоа и на животниот стандард и квалитетот на живот на пензионерите.