Како што беше соопштено, третата доза може да ја прими секој, а им се препорачува на загрозените групи – оние со послаб имунитет, повозрасните лица над 70 години, лицата над 60 години кои живеат во социјални домови, лицата на хемодијализа и оние со хронични болести и трансплантации.

Освен тоа, трета доза им се препорачува на вработените во здравствените установи и на лицата кои често патуваат во странство.

Клучен услов за примање на третата доза од вакцината е да поминале шест месеци од втората доза.

Српската влада во соопштението известува дека се остава можност за избор на вакцина, под услов ако е безбедно и возможно да се прими доза која е поинаква од претходно примените. Министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар, синоќа соопшти дека државата има доволно количини вакцини.

Српските лекари велат дека конечната одлука кој која вакцина ќе ја прими сепак ќе ја донесе стручно лице. Оти иако е можно мешање на вакцините, постои и еден исклучок. Имено, оние кои ја примиле руската вакцина Спутник В, која има прва и втора компонента за вакцинација и ревакцинација, како трета доза смеат да ја примат само првата компонента на истата вакцина.