Во текот на јануари годинава од полициски службeници реализирани се две акциски контроли и четири редовни контроли на возила кои превезуваат огревно дрво, при што контролирани се вкупно три транспортни моторни возила и две запрежни возила. Притоа се одземени вкупно 17,5 метри кубни дрва. Со одземените 3,5 метри во февруари вкупно од дрвокрадци од Велес и Велешко досега годинава биле одземени 21 метри кубни огревно дрво. Најмногу 15,40 метри кубни огревни дрва била одземени на 28 јануари годинава од дрвокрадец од село Горно Јаболчиште, кој бил откриен во дом во село Бањица, информираат за МИА од СВР Велес.
Во цела 2021 година биле одземени 20,6 метри кубни, а во 2020 година 17,5 метри кубни огревно дрво .
Ристе Самарџиев од СВР Велес информира дека на 6.01.2022 година полициски службеници и службеници од Шумска полиција пронашле 0,9 кубни метри бесправно исечено огревно дрво во дворот на Г.С. во с.Теово, по што дрвата биле одземени.
На 25.01.2022 на улица „Вера Циривири“, поточно на патот кој води кон „Дервенски мост“, во Велес биле контролирани две запрежни коли, управувани од тројца малолетници од Велес. Притоа било констатирано дека во нив превезувале 1.20 кубни метри бесправно исечени огревни дрва. За настанот била известена Шумска полиција, а запрежните коли со дрвата биле одземени.
Врз основа на судска наредба на 28.01.2022 година бил извршен претрес на дом и други простории во с.Бањица во кои престојува лицето Ф.У од с.Горно Јаболчиште, при што биле пронајдени 15,40 кубни метри огревни дрва без жиг и соодветна документација. Дрвата биле одземени и предадени на Шумска полиција.
Во текот на 2021 година планирани се и спроведени вкупно 19 акциски контроли и 75 редовни контроли, при што контролирани се 95 возила кои вршеле транспорт на огревно дрво и тоа од нив 73 се тешки товарни возила, три се трактори, едно е запрежно возило и 18 се патнички возила. Притоа за цела 2021 година биле одземани 20,6 метри кубни огревно дрво.
Во текот на 2020 година, пак, планирани се и спроведени 9 акциски контроли и 135 редовни контроли, при што се контролирани 183 возила кои вршеле транспорт на огревно дрво и тоа од нив 152 се транспортни моторни возила:10 се трактори 2 се запрежна возило и 19 се патнички возила информираат од СВР Велес,при што за цела 2020 година биле одземани 17,5 метри кубни огревно дрво.