Тој од 1996 година беше вработен во Министерството за надворешни работи (МНР) како официјален фотограф, кој во периодот до 2010 е хроничар на најзначајните надворешно политички активности на македонската држава. Во периодот од 2015 до 2018, престојуваше во дипломатска мисија во Кралството Норвешка, извршувајќи ја функцијата вршител на должност во Амбасадата на Република Македонија во Осло.
Тодоровски завршил магистерски студии по меѓународно право и меѓународна политика на Правниот факултет „Јустинијан Први“, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Последната деценија работеше во Директоратот за билатерални односи со европските држави и е одговорен за земјите од Северна Европа.
Во периодот од 1991 до 1996 е уредник на фотографија во првиот политички неделник во Република Македонија, „Пулс“. Неговите фотографии биле објавувани на страниците на повеќе европски печатени медиуми, меѓу кои: „Политикен“ (Politiken) од Копенхаген, „Афтенпостен“ (Aftenposten) од Осло и „East European Reporter“ од Будимпешта.
Тодоровски беше автор на десетина самостојни изложби на фотографија и бил учесник на повеќе групни во земјава и во странство. Последната негова изложба на фотографии беше насловена „Фото-белешки од Норвешка“ во октомври 2020 година која се одржа во изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.