Европскиот фронт, кој пред само една година беше претставен како „мултиетнички проект за европска иднина“, повеќе не постои. На локалните избори на 19 октомври, ДУИ и коалициските партнери ќе настапат под ново име – Национална алијанса за интеграција (НАИ).

Формалното ребрендирање е всушност и суштински чекор назад кон старото, добро познато поле – етно-национализмот, кој отсекогаш бил главниот адут на Ахмети. Логично е токму таму да се врати, бидејќи тоа е алатка за преживување на нговата партија: создавање, одржување и потпалување етнички тензии.

Во објавата на Фејсбук, Ахмети порача дека целта е „единство и заедничка европска перспектива“, но пораките повторно беа насочени пред сè кон Албанците.

– Живееме во тешки времиња и ние Албанците сè помалку сме почитувани од актуелната власт, која нема албански етнички легитимитет. Но, иако времињата се тешки, ние во ДУИ никогаш не ја забораваме европската дестинација до која сакаме да стигнеме. Денес е потребно единство, прво меѓу сите Албанци, кои треба да се застапуваат едни за други, но и меѓу сите оние кои веруваат дека можеме да изградиме подобра иднина за нашите деца – порача Ахмети.

Во меѓувреме, коалицијата ја напуштија Демократската партија на Турците, која ќе настапи самостојно на изборите, и Демократската партија на Албанците на Мендух Тачи, која воопшто нема да поднесе листи.

Очигледно е дека мултиетничкиот карактер на Европскиот Фронт служеше како параван за ширење влијание. Денес, по една година во опозиција, тој параван повеќе не им е потребен.