Ново значително намалување на цените на горивата. Бензините поевтинуваат за седум денари за литар, а дизелот за 5,5 денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Со новата одлука, литар „Еуросупер БС-95“ ќе се продава за 86 денари, додека цената на „Еуросупер БС-98“ ќе изнесува 88 денари.
Дизелот поевтинува за 5,5 денари и новата цена ќе му биде 94,5 денари за литар. Екстра лесното масло за домаќинство се намалува за 6,5 денари, односно ќе чини 103,5 денари за литар.
Поевтинување има и кај мазутот, чија цена се намалува за 6,26 денари за килограм и ќе изнесува 49,31 денар.
Според РКЕ, новите цени претставуваат просечно намалување на нафтените деривати од 7,51 отсто во однос на цените утврдени на 2 ноември.
Намалувањето се должи на падот на берзанските цени на нафтените деривати, понискиот курс на доларот, но и на владините мерки за намалување на акцизите.
Акцизата за бензините е намалена за два денара, а за дизелот за четири денари по литар. Дополнително, кај дизелот се применува и намалена стапка на данокот на додадена вредност (ДДВ) од 10 проценти.
