Ретко кој град во регионот предизвикува толку спротивставени емоции на прв чекор, како македонската престолнина. Скопје е град на контрасти и неверојатен шарм, со слоевита историја, неверојатна топлина на локалното население и архитектонска еклектика.
Вака хрватскиот „Тportal“ го почнува текстот „Викенд во Скопје: Што сè да видите и вкусите во македонската престолнина“, во кој, на своевиден начин, го препорачува главниот град на Македонија како дестинација за викенд-бегство или подолг престој, што не смее да се пропушти.
– Штом ќе го преминете мостот кон северниот брег, ќе закорачите во Старата чаршија, една од најголемите и најдобро зачуваните отомански трговски четврти на Балканот. Нејзините тесни, калдрмисани улички кријат автентични златари, стари занаетчиски работилници, миризливи чајџилници и историски амами претворени во галерии. Откако ќе здивнете со турско кафе варено на песок и свежа баклава, продолжете нагоре кон тврдината Кале. Моќните камени ѕидини од 6 век нудат отворен панорамски поглед на покривите на стариот град, новиот центар и планината Водно во позадина – се наведува во текстот.
Дебар Маало и боемскиот ритам
Како што пишува порталот, Дебар Маало е местото каде посетителите можат да го запознаат локалниот менталитет.
– За вистинско запознавање на локалниот менталитет и опуштениот начин на живот, упатете се во населбата Дебар Маало, гастрономската и боемска жила кукавица на престолнината. Таму се нанижани традиционални кафеани во кои вечерите редовно се претвораат во спонтани прослави со жива староградска музика. На масата се останува со часови, а гозбата почнува со кремаст домашен ајвар и пинџур со топли лепчиња, продолжува со специјалитетот гравче-тавче, свежа шопска салата и сочни скопски ќебапи, сето тоа проследено со голтки домашна лозова ракија или врвен локален вранец – велат авторот на текстот.
Излет во кањонот Матка
Како опција за одмор од урбаниот ритам, ја посочува Матка.
– Кога ќе посакате да здивнете од урбаниот ритам, на само половина час возење од градскиот центар ве чека кањонот Матка, едно од најимпресивните природни прибежишта во земјата. Смарагдната вода на реката Треска најдобро е да ја истражите со изнајмен кајак или со лесна пловидба со дрвено чамец што води до таинствената пештера Врело, една од најдлабоките подводни пештери во Европа. Целиот пејзаж е посебен поради драматичните варовнички карпи во кои се вгнездени вековни средновековни манастири – пишува „Тпортал“.
Спомен-куќата на Мајка Тереза и Водно
Меѓу обележјата на Скопје, се спомнуваат и Спомен-куќата на Мајка Тереза, како и Водно, кое се препорачува за крај на денот.
– Многу посетители ги изненадува податокот дека славната нобеловка е родена токму во Скопје во 1910 година. Затоа, во пешачката зона на улицата „Македонија“ вреди да се посети необичната Спомен-куќа на Мајка Тереза, мултимедијален простор со меморијален музеј кој ги чува нејзините фотографии, документи и лични реликвии. Совршено завршување на денот овозможува искачувањето со жичарница до врвот на блиската планина Водно, каде подножјето на 66 метри високиот Милениумски крст нуди величествен поглед на целата скопска котлина искапена во вечерни светла – стои во текстот.
„Викенд во Скопје: Што сè да видите и вкусите во македонската престолнина“ е споделен и на ФБ страницата на „тпортал“.
– Барате идеја за кратко патување, а да не мора да патувате далеку? Скопје би можело пријатно да ве изненади. Од интересни знаменитости и живописни улици до одлична македонска храна и богата култура – македонската престолнина има многу што да понуди – објави „Тпортал“.
Под текстот има позитивни коментари, но и дополнителни предлози – што уште може да се види во Скопје: комплексот „Македонско село“, Градскиот парк, паркот во Сарај, Музејот на Македонија,….
