Судењето за нападот врз Пендиков одложено за 5 април.

Судот го прифати барањето на одбраната на обвинетиот рочиштето да се одложи и да им бидат доставени доказите од Обвинителството. Тие пред судијата Бојан Мартиноски кажаа дека за нив е важно да ги имаат аудио и видео записите по што обвинетиот Спасески ќе може да се произнесе за вина.

Адвокатот на напаѓачот негира дека Пендиков бил тепан бидејќи е Бугарин тој посочува дека станува збор за чисто политичка работа.

 „Како може да биде напад поради омраза кога неговиот татко спасуваше бугарски државјани во големата бродска несреќа? Тој е воспитан во дух секого да сака и најмалку да мрази било кого. Сега размислете дали може да биде омраза или на ова се дава еден политички акцент, призвук кој се исполитизира до страшни граници. Ова е чисто политичка работа“, кажа адвокатот Димитрија Цобоски.

Адвокатот на Пендиков тврди дека тој не може да зборува, и да дојде засега поради здравствени проблеми но уверува дека пред охридскиот суд ќе се појави кога ќе треба да сведочи,Тој  прашан за адресата посочи дека ќе ја даде кога ќе ја добие од Пендиков.

„Го застапувам како жртва и оштетен“ Ќе се појави штом заврши со лекувањето истакна Карамишевски.

Основното јавно обвинителство – Охрид за нападот врз Пендиков поднесе обвинение против две лица. Едниот обвинет досега се бранеше со молчење, и како што информираа претходно од Обвинителството, тој се товари за кривичното дело напад од омраза со тешки повреди. Вториот обвинет пак,  беше приведен минатата недела во Битола.

Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19 јануари во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. Бугарските власти испратија авион со кој Пендиков беше транспортиран на лекување во Софија каде што се уште се наоѓа.