Првиот натпревар од новата сезона на АБА лигата меѓу Будуќност и Цибона е одложен. Екипата на Цибона не отпатува за Подгорица откако раководството на лигата го одложи натпреварот. Причината за одложувањето е спорот меѓу АБА лигата и судиите во ова регионално натпреварување за висината на судиските такси (хонорари).

Најверојатно и комплетното коло односно сите натпревари ќе бидат одложени. Судиите побараа зголемување на судиските такси и подобрување на правниот статус, а раководството на АБА преку конкурс одбра нови судии, но пред почетокот на лигата неколкумина од нив се откажаа.

Судиите кои првично беа одредени да судат (63) имаа побарувања за зголемени такси, комплетно здравствено осигурување и во случај на повреда надомест. Раководството на АБА ова го оцени како уцена, со предлог да стартува сезоната според претходните регулативи и дополнително да се разговара за новите.

Судиите тоа го одбија.

Во регионалната лига се натпреваруваат 20 екипи, поделени во две групи.

Ова може да значи дека неизвесен е и стартот на АБА 2 лигата (закажан за 29 септември) каде треба да настапуваат и македонските екипи МЗТ Скопје Аеродром и ТФТ, додека Скопје 2023 (порано Маџари) го откажа настапот.