Главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, изјави дека на началникот на Управата за криминалистичка полиција (УКП), М. К., и на началникот на Службата за сузбивање криминал, Б. С., им е одреден притвор до 48 часа поради сомнение за злоупотреба на службената положба.

Стефановиќ на прес-конференција повтори дека Вишото јавно обвинителство во Белград и сите негови јавни обвинители постапуваат исклучиво во согласност со Уставот и законите на Република Србија.

„Во таа смисла беше спроведено и ова апсење, кое нема никаква врска со изборните процеси и резултатите од парламентарните избори“, истакна Стефановиќ.

Тој посочи дека обвинителството започнало да презема предистражни дејствија во овој предмет во мај годинава, кога дошло до опструкција на работата на обвинителите кои постапувале по предметот. Потоа, кон крајот на јули, во предметот била приклучена и кривична пријава поднесена од адвокатот на оштетениот, што на крајот резултирало со лишување од слобода на двајцата високи полициски функционери.

По наредба на Посебното одделение за сузбивање корупција при Вишото јавно обвинителство во Белград, полициски службеници од Службата за борба против корупцијата при Министерството за внатрешни работи на Србија ги уапсиле началникот на Управата за криминалистичка полиција, Марко Кричак, и началникот на Службата за сузбивање криминал, Бошко Секуловиќ.

Почетокот на судењето на поранешниот началник на белградската полициска управа, Веселин Милиќ, е закажан за 9 ноември во Првиот основен суд во Белград. И тој е осомничен за криминални дејствија во случајот „Сењак“.

Според Стефановиќ, М. К. и Б. С. се лишени од слобода поради постоење основи на сомнение дека во периодот од 12 мај до 3 јуни 2026 година, како службени лица во Министерството за внатрешни работи на Србија, со пречекорување и злоупотреба на службените овластувања, како и со неизвршување на службените должности, му нанеле штета и потешко ги повредиле правата на оштетениот, поранешниот началник на белградската полициска управа В. М.

Ова се однесувало на нивното постапување во врска со кривичното дело тешко убиство на штета на А. Н., извршено на 12 мај 2026 година во ресторанот „27“.

Милиќ, поранешниот шеф на белградската полиција, е обвинет за две кривични дела – непријавување кривично дело и сторител, како и фалсификување службена исправа, а во врска со убиството на Александар Нешовиќ, познат како Баја, во ресторанот „27“.

Стефановиќ соопшти и дека постојат основи на сомнение дека началникот на УКП, М. К., на 16 мај 2026 година, заедно со други засега неидентификувани полициски службеници, во просториите на УКП го малтретирал и мачел оштетениот Н. Л.

Според обвинителот, на началникот на Управата за криминалистичка полиција му се ставаат на товар кривичните дела злоупотреба на службената положба и малтретирање и мачење.

На началникот на Службата за сузбивање криминал му се става на товар кривичното дело злоупотреба на службената положба.