25 години од Охридскиот рамковен договор

Пред 25 години Охридскиот рамковен договор донесе мир, стабилност и заедништво во земјава, а неговото значење и денес беше тема на панел-дискусија посветена на досегашната имплементација и идните предизвици. На настанот, организиран од Министерството за односи меѓу заедниците, беше истакната потребата од продолжување на реформите, зајакнување на децентрализацијата, владеењето на правото и европската интеграција, како и подобрување на квалитетот на јавните услуги.

Муцунски: Фокусот треба да биде на иднината

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски порача дека фокусот не треба да биде враќање кон 2001 година, туку прашањето каква држава сакаме да имаме во 2051 година. Тој оцени дека стекнатите права не треба да се доведуваат во прашање, но дека заштитата на правата не треба да значи создавање нови етнички линии во институциите и општеството. Според Муцунски, државата има капацитет да ги надмине етничките поделби и да гради вистинско граѓанско општество.

Следните 25 години насочени кон одговорност и резултати

Поранешната дипломатка на ОБСЕ, Кларис Пастори, оцени дека Охридскиот рамковен договор е повеќе од мировен договор и дека ги штити основните права, ја зајакнува демократијата и ја направи Македонија заедничка земја за сите. Министерот за односи меѓу заедниците Агон Ферати порача дека 25-годишнината треба да биде можност за насочување кон иднината, со акцент на владеењето на правото, инклузивноста и можностите за младите. Муцунски нагласи дека првите 25 години биле посветени на градење доверба и правична застапеност, додека следните 25 треба да бидат насочени кон одговорност, квалитет и резултати.