Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција соопштија дека сите осомничени во предметот поврзан со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) се обезбедени и достапни за органите на прогонот.
Според информациите од Обвинителството, денеска за двајца осомничени се определени мерки на претпазливост, додека за едно лице е изречена мерка куќен притвор.
„Денеска се определени мерки на претпазливост за двајца осомничени и еден куќен притвор, така што сите осомничени се обезбедени, никој не ни недостасува“, соопштија од Обвинителството.
Оттаму посочуваат дека сите лица опфатени со истрагата се достапни за понатамошно водење на постапката.
Засега не се објавуваат дополнителни детали за идентитетот на осомничените ниту за конкретните кривични дела што им се ставаат на товар.
