Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски информираше дека денес, во најмасовната еко-акција во главниот град, се приклучиле околу 30.000 луѓе, за кои рече дека оставиле пример што заслужува да го следи цело Скопје.
„Луѓе кои одвоија од своето време, ги засукаа ракавите и вложија труд за сите нас. За својата улица. За соседите. За децата. За нашиот заеднички дом. Скопје што се обединува, презема одговорност и со сопствени раце го менува своето секојдневие“, истакна тој.
„Денес ни се придружија и угостителите, давајќи свој придонес во оваа голема заедничка борба за почисто и поубаво Скопје. Горд сум на вашата посветеност, на вашата совест и на примерот што денес го оставивте“, се заблагодари градоначалникот.
До оние што и понатаму несовесно фрлаат отпад тој им порачува: „почитувајте ги овие луѓе! Почитувајте го нивното време, нивниот труд и нивниот град, кој е и ваш!“
Ѓорѓиевски најави дека со вакви акции ќе продолжат двапати месечно, нагласувајќи дека се решени грижата за Скопје да стане секојдневна навика.
Градоначалникот упати и апел до секој сограѓанин да го чува сработеното!
„Да почнеме од својот праг, од улицата по која минуваме, од паркот во кој играат нашите деца. Одговорноста за почист град ја покажуваме со секоја наша постапка, а за секој што намерно го загадува Скопје – нема да има толеранција“, порача тој.
