Онлајн медиумите официјално препознаени во Законот за медиуми
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски изјави дека Владата направила значаен исчекор со тоа што онлајн медиумите и интернет порталите се препознаени во Законот за медиуми. Ова го истакна во гостувањето на Телевизија Алфа, во емисијата „За или против“.
Регистрација во АВМУ и поголема заштита за новинарите
Андоновски посочи дека измените се направени на барање на здруженијата на портали и дека со брза законска интервенција онлајн медиумите се официјално признаени како медиуми. Според него, голем дел од најлегитимните портали веќе се регистрирани во регистарот на АВМУ, што ќе им овозможи полесно да ја бараат својата институционална заштита, имајќи ја предвид нивната читаност и улога во општеството. Воедно, министерот најави дека за првпат ќе биде донесена Стратегија за развој на медиумите во Македонија.
Недозволив политички притисок врз медиумите
Во контекст на актуелните случувања, Андоновски нагласи дека е недозволиво политички партии да спроведуваат кампањи против медиуми, оценувајќи го тоа како штетна пракса. Тој предупреди дека ваквите притисоци можат да резултираат со полоши оценки за состојбата со медиумските слободи во извештаите на Европската унија и на Репортери без граници, не поради владините политики, туку поради однесувањето на политичарите. На крајот, тој упати апел медиумите да останат единствени, професионални и солидарни, нагласувајќи дека ваквиот пристап е клучен кога се вршат притисоци врз одреден медиум поради несогласување со неговите ставови.
