Опасна супербактерија отпорна на лекови сè побрзо се шири во европските болници. Таа лесно се пренесува од пациент на пациент и сè потешко се лекува, предупреди Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ).

Бројот на инфекциите на крвотокот предизвикани од клебсиела пневмонија отпорна на лекување се зголемил за 72 отсто меѓу 2019 и 2025 година. Оваа загрижувачка состојба е далеку од зацртаната цел до 2030 година бројот на овие инфекции да се намали за пет отсто, покажаа најновите официјални извештаи на ЕЦДЦ.

Инфекциите предизвикани од оваа бактерија, чиј број постојано расте во последниве години, претставуваат сериозна закана за пациентите во болниците и имаат висока стапка на смртност, која обично се движи меѓу 40 и 70 отсто. Анализите покажаа дека неколку нејзини соеви стануваат отпорни на речиси сите антибиотици, вклучувајќи ги и новите, и можат да предизвикаат тешки заболувања и смрт.

Наодите за клебсиела пневмонија се издвојуваат како најголема причина за загриженост меѓу сите податоци за супербактериите собрани во текот на изминатата година, предупредува стручната јавност.

„Тоа е голема закана за јавното здравје во Европа“, рече Гиске.

Тоа претставува опасен пример за антимикробната резистенција, односно способноста на бактериите и габите да развијат отпорност на лековите наменети да ги уништат. Се проценува дека таа годишно одзема 35.000 животи во Европската Унија, Исланд и Норвешка.

И покрај напредокот во одделни области, најновите извештаи покажаа дека Унијата и понатаму е далеку од исполнувањето на целите за 2030 година за намалување на инфекциите отпорни на лекови. Меѓу најголемите предизвици е крајно ограничениот број нови лекови за лекување на ваквите опасни состојби.

Ова предупредување доаѓа во време кога се очекува новите европски фармацевтски прописи да бидат потпишани и да стапат во сила во декември. Тие содржат мерки за поттикнување на откривањето и развојот на нови антибиотици, преку поволности за фармацевтската индустрија, како продолжување на пазарниот монопол, и преку редовни плаќања со кои државите би ги набавувале лековите.

Бидејќи се пренесува од пациент на пациент, зголемената зачестеност на инфекциите со клебсиела бара значително посилни мерки за спречување и контрола на инфекциите во болниците, предупредија надлежните здравствени служби. Тоа подразбира подобра хигиена на рацете, правилна употреба на личната заштитна опрема, како ракавиците, како и редовно чистење и дезинфекција на просториите.

Слични мерки претходно помогнаа значително да се намали зачестеноста на инфекциите со попознатата болничка супербактерија МРСА. Кај клебсиелата, пак, дури и најмал пропуст при чистењето на одделенијата може да предизвика нејзино брзо неконтролирано ширење.

„Клебсиелата е цревна бактерија и можеби има посилни резервоари во организмот“, рече Гиске.

„Она што делува против МРСА можеби нема да биде доволно за клебсиелата. Добрата превенција и контролата на инфекциите мора да се спроведуваат уште подоследно за да се стави под контрола еден проблем како овој“, додаде тој.

Земјите членки претходно успешно се справија со инфекциите предизвикани од МРСА, односно златната стафилокока отпорна на лекови. Во 2025 година бројот на инфекциите на крвотокот предизвикани од оваа бактерија беше за 19 отсто помал отколку во 2019 година, со што беше надмината целта до 2030 година овие инфекции да се намалат за 15 отсто.

Иако земјите успешно ги користат протоколите за заштита за да ја намалат зачестеноста на МРСА, сузбивањето на клебсиелата оди значително потешко на клиничките одделенија.

Сериозен проблем претставува и намалувањето на бројот на инфекциите предизвикани од бактеријата ешерихија коли отпорна на лекови. И покрај поставената цел до 2030 година овие инфекции да се намалат за 10 отсто, во периодот меѓу 2019 и 2025 година во ЕУ нивниот број се зголемил за 16,4 отсто.

Клучен чекор во оваа битка е антибиотиците да се употребуваат помалку и строго наменски, со оглед на тоа што избегнувањето на нивната непотребна употреба директно го намалува ризикот бактериите да развијат отпорност.

Според проценките, вкупната потрошувачка на антибиотици во ЕУ се намалила за само пет отсто меѓу 2019 и 2025 година, што е значително под целта до 2030 година таа потрошувачка да се скрати за цели 20 отсто.

Европската Унија постепено напредува во примената на посоодветни видови антибиотици. Таа сè повеќе се приближува до границата најмалку 65 отсто од антибиотиците што се користат во Европа да бидат соодветни според утврдените критериуми на Светската здравствена организација, при што во 2025 година нивниот удел достигнал 62,5 отсто.

„И понатаму заостануваме во исполнувањето на неколку цели на ЕУ за 2030 година во борбата против антимикробната резистенција“, соопшти директорката на ЕЦДЦ, Ренди-Вагнер.

Една од поновите научни методи кои носат значајни резултати на терен е геномскиот надзор. Тој им помага на здравствените власти значително побрзо да проценат како се шират мутираните бактерии отпорни на лекови.

„Тоа ни овозможува порано да реагираме за да го запреме пренесувањето, поефикасно да ги насочуваме одлуките за лекување и да утврдиме каде новите антибиотици се најпотребни“, додаде таа.