Трипуновски од Кавадарци ги отфрли како неточни тврдењата на опозицијата за наводно кратење на субвенциите од 40 милиони евра

 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Кавадарци ги отфрли како неточни тврдењата на опозицијата за наводно кратење на субвенциите од 40 милиони евра.

„Изминативе денови слушаме обвинувања дека има сериозно кратење на субвенциите. Апсолутно ги отфрлам ваквите тврдења како неточни. Станува збор за лаги и манипулации со кои опозицијата се обидува да создаде тема на дневна политика“, истакна министерот.

Тој посочи дека политичката гарнитура која денес критикува, имала седум години да покаже резултати во земјоделскиот сектор, но наместо напредок, оставила сериозна штета и назадување.

Министерот Трипуновски нагласи дека Владата спроведува сериозни реформи и обезбедува континуирана поддршка за земјоделците, што ќе резултира со зголемување на продукцијата и подобрување на состојбите во секторот.

„Новина во Програмата за 2026 година е јасната распределба на средствата. Приоритет ќе имаат вистинските земјоделци, тие што егзистираат од земјоделството. Во изминатите години беа евидентирани т.н. ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделска површина, а аплицираат за финансиска поддршка“, истакна министерот.

Тој додаде дека оваа година ќе се спроведува засилена контрола, со цел државните средства да завршуваат кај земјоделците кои реално придонесуваат за економијата и за развојот на руралните средини.

Во однос на условите за користење на субвенциите, во новата Програма е предвидена минимална површина од 0,5 хектари за да се оствари правото на финансиска поддршка.

„Нашата цел е дополнително да го зголемиме земјоделското производство, особено на винските сорти грозје, од кои се произведува квалитетно македонско вино кое ќе се продаде надвор од нашите граници. Тоа претставува значаен девизен прилив за националната економија“, појасни Трипуновски.