Општина Аеродром и понатаму продолжува да дава силна поддршка на лицата и семејства со ниски месечни примања и со социјален ризик. Во рамки на оваа поддршка е и успешната соработка со хуманитарната организација „Св. Спас“ во чии рамки во црквата Св. Никола во населбата Аеродром секојдневно се делат пакети со храна.
Градоначалникот Тимчо Муцунски денеска ја посети црквата каде оствари средба со Отецот Оливер Петровски и разговараа за досегашната соработка, при што заеднички се согласија дека неопходно е да продолжи соработката во насока на вклучување на други институции во оваа хумана иницијатива.
Во досегашниот тек на работата, помошта се реализираше во соработка и со голема поддршка со детската градинка „Буба Мара“ во Аеродром, каде се подготвуваат донираните оброци.
Народната кујна во црквата св. Никола е отворена од понеделник до сабота во периодот од 14:00 до 14:30 часот. Општината Аеродром и во следниот период ќе реализира активности кои вклучуваат финансиска поддршка и други бенефити за пензионерите, младите и семејствата со ниски месечни примања.