Според конкурсот, најмалку 37 отсто од целата површина треба да биде предвидено за содржини од јавен интерес, а согласно сопственоста, земјиштето под јавни намени може да се движи до 47 отсто од содржините.

Во конкурсот уште стои дека треба да бидат предвидени и јавни содржини односно детска градинка за новите жители и жителите кои живеат во непосредна близина, а објектот треба да згрижи најмалку 250 деца, како и содржини од култура, чиј избор, обем и локација се авторски и треба да допринесат за квалитетот на урбанистичкото решение и локацијата.

За потребите на конкурсот Општина Центар обезбеди ажурирана подлога, геодетска снимка на постојните дрвја, односно 95 дрва се геореференцирани, нумерирани и фото-документирани. Направена е и анализа на сопственоста на земјиштето и објектите, спроведени се нумерички анализи и анализи на планските документации, како и други достапни податоци што ќе им овозможат на учесниците да се фокусираат на аналитичкиот и креативниот аспект на решението.

Право на учество на конкурсот ќе имаат домашни и странски физички и правни лица, со услов едно лице да има валидно овластување од областа на урбанистичкото планирање. Согласно големината на конкурсната задача, заинтересираните кандидати ќе може да аплицираат во периодот од 24 јуни до 1 септември 2021 година. По завршување на конкурсот и фазата на оценување на испратените трудови, најдобрите тројца кандидати ќе бидат наградени со паричен фонд, а трудовите ќе бидат изложени на архитектонска изложба за јавноста.

Конкурсот од денеска е објавен на Електронскиот систем за јавни набавки и на официјалната веб-страница на Општина Центар.