Првиот човек на Општината, градоначалникот Зоран Ногачески, истакна дека на седницата, советниците не успеале да ги надминат партиските разлики за да одберат претседател на Советот на Општина Дебрца.

-Како прв човек на општината, кој мандатот го доби како независен кандидат, со голема поддршка од граѓаните, и од членови на СДСМ, и на ВМРО ДПМНЕ и на неопределените си земам за слобода уште еднаш да ги повикам сите 11 советници да ги надминат партиските разлики, да се доконституира Советот на Oпштината и заедно да ги градиме и реализираме локалните политики, а за што сите го добивме мандатот од граѓаните, порача градоначалникот Зоран Ногачески.

Ногачески додаде дека во текот на следните денови ќе оствари средби со сите советници со цел да се изнајде решение за изборот на претседател и да се доконструира Советот на Општината.

-Останувам отворен и ги повикувам на соработка сите советници. Стојам на располагање да прифатам секој добар предлог и идеја, од интерес на граѓаните на општината, независно од која страна доаѓа. Впрочем, Советот е тој кој треба да ги креира, а не да ги кочи локалните политики.

Новиот состав на Советот на Општина Дебрца го сочинуваат 4 советници од ВМРО-ДПМНЕ, 4 советници од СДСМ, 2 независни советници и 1 од ЛДП-ДОМ.