Производителите на ориз од кочанскиот регион бараат што повеќе земјоделци да бидат опфатени со финансиската помош – три денари за килограм предадена арпа, а за тоа е неопходно, велат, рокот за предавање на арпата да се продолжи до јуни.
На Министерството за земјоделство му даваат рок од две недели да најде начин како ова да го спроведе. Во спротивно, најавија, ќе организираат нови протести и ќе ги блокираат магистралните патишта.
Производителите до петок очекуваат ресорното Министерство да организира средба на која ќе ги образложат барањата, но се надеваат и дека ќа се најде заедничко решение за да се избегне блокирањето на сообраќајниците.
-Нашите сознанија се дека само на 15 отсто од земјоделците кои успеале до 15 декември да ги предадат произведените количини, им е исплатена финансиската помош од КОВИД мерките. Тие временски не можеа да стигнат да ја продадат арпата, зашто жетвата на оризот завршува до крајот на октомври, ниту пак откупувачите физички со своите капацитети можеа да стигнат да ги исполнат условите. Исто така, не се опфатени ниту земјоделците кои арпата ја преработиле во бел ориз. Затоа бараме, редовните субвенции да останат по 3.000 денари за декар и да бидат исплатени за 15 дена, а рокот за откуп на арпата заради добивање дополнителната финансиска помош да се продолжи до јуни. Ако не добиеме позитивен одговор, ќе излеземе на протести со блокада на патиштата, изјави земјоделецот Здравко Коцев од Облешево.
Земјоделците кои произведуваат ориз се во дилема како ќе ја почнат сеидбената сезона оваа година поради драстично зголемените трошоци на вештачките ѓубрива и заштитните препарати.
-Една вреќа ѓубре од 25 килограми сега чини 1.650 денари, а ќе се покачат и цените на хербицидите, што значи дека трошоците по декар се зголемени за сто отсто. Со сегашните откупни цени не можеме да ги покриеме давачките, а не станува збор за заработувачка. Затоа очекуваме арпата да се откупува по 40 денари, а белиот ориз по 80 денари за килограм, истакна Стојче Ташевски, земјоделец од Облешево.