Пчелар од Охрид е осуден да плати 15.000 евра оти неговите пчели каснале охриѓанец во 2014, пренесува sdk.mk. Според пресудата на Основниот суд од Охрид изречена после 8 години, лицето претрпело страв, а и имал физички и душевни болки.

Според пресудата, пчеларот се задолжува на тужителот да му исплати штета за претрпени физички болки од 300.000 денари, за претрпен страв од 200.000 денари и за претрпени душевни болки од 100.000 денари, како и трошоци во постапка од над 150.000 денари.

Според образложението од пресудата, пчеларот Лазе Грозданов од село Долно Коњско, Охрид е прогласен за виновен за кривично дело „предизвикување општа опасност“ оти го управувал своето возило во кое имал натоварено пчели. Во образложението стои дека сандаците не биле добро затворени, па од нив излегле рој пчели и го нападнале оштетениот Васко Паскали, кој бил со неговата сопруга и малолетно дете. Паскали со телото го заштитил малото бебе и со трчање се упатил кон неговиот дом. Во моментот на бегање пчелите го касале во пределот на вратот, главата и лицето, по што бил искасан и отечен. Чувствувал тешко дишење и се упатил во охридската Општа болница каде бил сместен на Интерното одделение. Од претрпениот страв и ден денес чувствувал страв од пчели. Судот смета дека од каснувањето на пчелите тужителот се здобил со алергиска реакција и доживеал страв како за себе така и за неговото дете и сопруга.

Целиот текст прочитајте го тука.