Поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, ќе добие 3.465 евра отштета од државата поради мерките притвор и куќен притвор што му биле определени во предметот „Организатори на 27 април“.

Атанасовски поминал шест месеци во притвор, а потоа речиси 19 месеци во куќен притвор. Поради тоа поднел претставка до Европскиот суд за човекови права, тврдејќи дека му било повредено правото на слобода и безбедност.

Според одлуката, по неуспешните обиди за пријателско спогодување, Владата доставила еднострана изјава со која прифатила да му биде исплатен надомест за прашањата опфатени со претставката.

Адвокатот на Атанасовски изјавил дека во текот на постапката постојано укажувал дека притворот и куќниот притвор биле неоправдани и дека не биле исполнети законските услови за нивно продолжување.

Предметот „Организатори на 27 април“ се однесува на постапките поврзани со насилните настани во Собранието на 27 април 2017 година.