МНР со внимание ги следи изјавите и активностите кои доаѓаат од Република Бугарија и со жалење констатира дека последните активности на официјална Софија не се во согласност со договорената практика за унапредување на меѓусебните односи, рече шефот на дипломатијата одговарајќи на пратеничкото прашање на Антонио Милошоски.
Сега, порача шефот на диполоматијата, е потребна деескалација на односите и прекинување на овој циклус на провокации кои се создаваат меѓу двете држави. Но, додаде тој, секогаш треба да имаме предвид дека станува збор за групи кои сакаат да ги киднапираат односите меѓу Скопје и Софија поради многу други причини, вклучувајќи и трети страни.
Одговарајќи на прашањето на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на собраниската Комисија за надворешни работи, Османи сподели и пример со дебата на Советот на Европа, минатата недела, на која Бугарија се обидела да протне амандмани на резолуција за малцинските прашања во С Македонија, но не добила поддршка од ниту еднас друга земја членка. „Мора да бидеме внимателни тоа да биде случај и во Европската Унија“, подвлече тој
Министерството за надворешни работи изразува жалење за потегот на Софија да го повика на консултации својот амбасадор во земјава Ангел Ангелов и го смета ваквиот чекор како неоснован, непоткрепен со валидни аргументи и непропорционален, рече шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи одговарајќи на пратеничко прашање на народниот избраник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на денешната собраниска седница на чиј дневен ред се пратенички прашања.
Претходно, Милошоски поставувајќи го прашањето, наведе дека ваквиот потег може да се толкува како чин на спуштање на дипломатските односи и потценување на државата домаќин.
Напротив, додаде шефот на дипломатијата, ваквите активности претставуваат потклекнување кон провокациите на оние кои сакаат да ги нарушат напорите на двете влади за стабилен и позитивен развој на односите меѓу двете земји.
„Иако повикувањето на амбасадор на консултација во матичната држава е право на земјата испраќач и редовна дипломатска пракса, Министерството за надворешни работи изразува жалење за ваквиот чекор кој смета дека е неоснован, непоткрепен со валидни аргументи и непропорционален“, рече Османи.
Северна Македонија, потенцираше тој, покажа силен демократски и институционален капацитет и низ брза и ефикасна постапка го стави последниот инцидент со секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ низ правосудните процеси, откривајќи ги и приведувајќи сторител на кривичното дело, против кого активно се водат истражни дејствија.
„Дополнително, преку своите изјави на највисоко ниво, претседателот на државата, премиерот на Владата и јас како министер за надворешни работи го осудивме инцидентот, а дополнително остварив и итна посета на Софија, вклучувајќи и посета на повредениот со цел јасно да ја демонстрирам одлучноста на државните органи во обезбедување правна сигурност, безбедност и одржлив јавен ред“, рече шефот на дипломатијата.