Косовската претседателка Вјоса Османи ги прими денеска амбасадорите на петте држави членки на Европската Унија, за кои беше јавено дека го поддржаа условувањето на визната либерализација за Косово на вчерашната седница на Работната група на Советот на ЕУ за прашања на визите, јави дописникот на МИА од Приштина.

На средбата со дипломатските претставници на Франција, Шведска, Холандија, Белгија и Австрија, Османи нагласила дека е потребно политичката одлука во врска со укинувањето на Шенген-визите во рамките на ЕУ да се заокружи во текот на чешкото претседателство со ЕУ.

Косовската претседателка, според соопштението од нејзиниот кабинет, изразила уверување дека техничките барања покренати од некои од државите на ЕУ во врска со Европскиот систем за авторизација и информации околу патувањата (ЕТИАС) нема да влијаат на одлуката за одредување на датумот за визна либерализација за Косово.

Една поинаква одлука, нагласила Османи, би ги поставила граѓаните на Косово во дискриминирачка позиција.

– Претседателката Османи нагласи дека Косово ќе се приклучи на системот ЕТИАС, како и сите други држави, во моментот кога тој систем ќе стане оператибилен, но тоа не смее да влијае на одредувањето на датумот на стапување во сила на одлуката за визна либерализација, се вели во соопштението.

Вчера во Брисел за прв пат се одржа дебата во Работната група на Советот на ЕУ за визната либерализација за Косово. Според дипломатски извори од ЕУ, на кои се повикуваат медиумите, на расправата се покажало јасно дека постои голема поддршка меѓу земјите членки на ЕУ за укинување на визите, но и натаму има земји кои изнесуваат дополнителни барања кои треба да се исполнат пред да се донесе одлуката.

Франција, која досега беше главниот кочничар на укинувањето на визите за Косово, овој пат не се изјаснила против, но предложила визната либералиација да се поврзе со системот ЕТИАС, со кој за граѓаните на земјите кои имаат либерализација ќе се венсуваат податоците пред да патуваат во земјите на ЕУ. Проблемот со францускиоит предлог, нагласуваат во Приштина, е што овој систем ниту во земјите на ЕУ не е предвидено да стане функционален пред 1 ноември 2023 година.