Во соопштението од кабинетот на Османи по денешната средба со специјалниот пратеник на ЕУ за косовско-српскиот дијалог, Мирослав Лајчак и со заменикот помошник државен секретар на САД задолжен за Западен Балкан, Метју Палмер, се вели дека таа оценила оти во процесот на преговори „од суштинско значење е целосното почитување на територијалниот интегритет и на внатрешното уставно и државно уредување“.
– Ние очекуваме процесот (на преговори со Србија) да заврши со меѓусебно признавање, со почитување на овие принципи, како и договорот да биде целосно спроведлив, се цитира претседателката во соопштението од нејзиниот кабинет.
Покрај неопходноста од запазување на функционалноста на државата, Османи, како приоритет во преговорите со Белград го нагласила и прашањето на исчезнатите лица од последната војна во Косово.
– Што се однесува до процесот на дијалогот со Србија, претседателката повторно го нагласи ставот на институциите на Косово дека очекува процесот на дијалогот да заврши со меѓусебно признавање меѓу двете држави. Таа оцени дека за Косово останува од суштинско значење целосното почитување на територијалниот интегритет и на внатрешното уставно и државно уредување, како и функционалноста на државата. Покрај тоа, претседателката го нагласи прашањето на исчезнатите лица од последната војна во Косово, како приоритет во тој процес, соопшти претседателскиот кабинет.
Американскиот и словачкиот дипломат на средбата со Османи, се вели во соопштението, „повторно ја нагласија нивната целосна поддршка на процесот на дијалог и на негово заокружување со конечен договор меѓу Косово и Србија“.
Палмер и Лајчак денеска допатуваа во дводневна официјална посета на Косово, а освен со Османи се сретнаа и со премиерот Албин Курти, како и со други владини претставници, со опозициски лидери и со претставници на меѓународната заедница во земјата.
Посетата на претставниците на ЕУ и на САД задолжени за Западен Балкан се реализира во пресрет на најавеното продолжение на дијалогот за решавање на споровите меѓу Косово и Србија, кое треба да се одржи во текот на месец јуни во Брисел, со средба на косовскиот премиер Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ.