Овие избори не се избори помеѓу различни политички партии и различни кандидати. Ова е битка меѓу два концепта. Концепт на европска интеграција наспроти концепт на изолација. Концепт на соживот наспроти концепт на етнички тензии и омраза. Концепт на прогрес наспроти концепт на регрес, порача вечерва во своето обраќање на митингот во Штип, кандидатот за претседател на ДУИ и на коалцијата „Европски фронт“, Бујар Османи.
Тој пред членовите и симпатизерите на Демократската партија на Турците и на ДУИ истакна дека животот го има научено дека секој од нас има квалитет и има можност да успее, доколку државата му даде шанса да успее.
-Тоа ми стана опсесија и затоа влегов во политиката, за да се борам да изградам држава и општество, во кое секое дете независно од својата етничка припадност, независно од својата верска припадност, независно дали доаѓа од сиромашно или богато семејство или дали доаѓа од селско или градско подрачје може да успее доколку има амбиции за тоа и е посветено да постигне успех. Затоа влегов и во оваа трка, затоа што сметам дека оваа држава заслужува, рече Османи.
Тој додаде дека досега многу е постигнато, гледајќи од перспективата на неговиот народ, кој до пред само 20 години бил целосно исфрлени од државните текови, а само 0,2 проценти биле вработени во државните и јавните институции.
Посочи дека токму Рамковниот договор даде шанса на Албанците, кои биле исклучен народ, да стане народ на премиерот на оваа држава, на првите министри за надворешни работи, финансии и како што рече виделе што значи да се имаат еднакви можности за сите.
-„Европскиот фронт“ го формиравме како брана на сите обиди да се прекине можноста за еднаквост и правда во оваа држава, а стигнавме толку далеку и вие Турците го почувствувавте тоа, и Бошњаците го почувствуваа тоа и Ромите го почувствуваа тоа, а Македонците не изгубија ништо. Напротив добија лојални сограѓани. Видоа дека правдата и еднаквоста е додадена вредност, видоа дека различноста е само богатство на едно мултиетничко општество и мултиетничка држава. Станавме најдобрата мултифункционална етничка демократија, за која што Босна и Херцеговина може само да сонува денеска, да биде како нас, рече Османи.
Тој во својот говор на митингот во Штип истакна дека стигнавме до избори, кога повторно се наоѓаме на крстопат. Порача дека има политичка опција, која бара 61 пратеник за да ги исфрли Албанците и останатите етнички заедници од одлучувањето.
-Нема браќа и сестри поголема шовинистичка идеа, по националистичка идеја, отколку да барате 61 пратеник за да не зависите од гласот на другите, вели Османи.
Забележа дека во политиката нема вакуум или си вклучен или бараш алтернатива. Османи истакна дека во моментов се нуди рушење на Преспанскиот договор, а со неговото рушење истиот ден ќе значи и целосна изолација на државата од меѓународните текови, запирање на европските фондови и токму поради тоа нашата држава ќе биде изолирана како слепо црево на Балканот.
-Жал ми е што ќе кажам, но ќе гниеме внатре од неможноста да циркулира европскиот кислород, еве тоа ни се нуди, рече Османи.
Пред симпатизерите и членовите на Демократската партија на Турците (ДПТ) и на ДУИ се обрати и претседателот на ДПТ Бејџан Илјас кој истакна дека овие избори се критични, како темелни столбови на демократијата и иднината на нашата заедничка земја.
-Како Турска демократска партија, ние секогаш се боревме за заштита и унапредување на правата на немнозинските заедници. На овие избори за посилно да го слушнеме гласот на турската заедница и подобро да ги браниме нашите права решивме да го поддржиме кандидатот за претседател на ДУИ или „Европскиот фронт“, почесниот Бујар Османи, рече Илјас.
Кандидатот за претседател на ДУИ и „Европскиот фронот“, Османи претходно, денеска оствари средби со граѓаните во Радовиш и во Штип.