Истиот момент кога ќе се изгласат измените, со што ќе се обезбеди европската иднина на граѓаните ќе одиме на избори. Се што ќе побараат за уставните измени ние сме спремни да исполниме, изјави попладнево министерот за надворешни работи, Бујар Османи во гостувањето на телевизија Телма.

-Сите барања на опозицијата ги исполнуваме едно по едно. Бараа гаранции – ги добија од меѓународната заедница, бараа излегување на ДУИ – го добија со одлука која што влегува по автоматизам во сила. Мора секој да покаже одговорност во овие важни моменти, секој да исчекори дел од патот. ДУИ го направи својот чекор, очекуваме секоја од политичките партии да направи чекор, да се сретнеме на средина, да го обезбедиме европскиот пат, потоа ќе одиме на избори. Сега сме на крстопат дали државата ќе се изолира со земјите кои што имаат отворени прашања и влегуваат во група на држави кои што ќе треба да ги затвараат сите отворени прашања што значи целосна билатерализација на процесот или заедно со Албанија и Црна Гора ќе бидат првите земји кои што ќе станат членки на ЕУ и ќе се исполни сонот на граѓаните за подобар живот, но, што е најважно – ќе се спречи нашиот пасош да биде помалку важен од пасошите на другите соседни држави кои што се во ЕУ. Најпатриотскиот чин што денеска можете да го направите е да обезбедите европска иднина на граѓаните, потенцира Османи.