Уставните измени се прашањето што ќе го откочи процесот, односно ќе го овозможи продолжувањето на патот кон ЕУ. Сметам дека сите треба пред граѓаните да излеземе и покажеме дали стоиме зад нивната волја да станеме членка на Европската унија, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за Фронтлајн и ЦИВИЛ Медиа.

Тој истакнува дека опозицијата целосно ја партизира агендата, целосно ја става европската перспектива на државата во функција на наредните избори.

– Имате политички партии коишто упорно го кочат тој процес и затоа сметам дека треба пред граѓаните да излеземе со јасна порака. Дали поддржувате политички структури коишто сакаат државата да биде членка на Европската унија или тие што сметаат дека треба да има алтернативни структури од типот на средбата на рускиот претседател со севернокорејскиот претседател и таму се зацртува една нова алтернатива на Европската унија? Затоа сметаме дека сега е време сите политички партии кои што се залагаат за ЕУ да бидат дело од Европски фронт. Останатите нека си направат свој фронт па да излеземе пред граѓаните и да бираат граѓаните. Дали сакаат Европска унија или ја сакаат таа коалиција којашто се сретна скоро во Русија, порачува министерот Османи.

Според Османи, премногу сме мали, премногу зависни, премногу, како што вели во интервјуто, ранливи, без тој голем систем што го нуди ЕУ и тоа, подвлекува, не сме го констатирале ние, го констатирале многу поголеми држави во ЕУ.