Османи информира дека сите разговори се по однос на португалскиот предлог, а Владата и на билатерална основа комуницира со Република Бугарија и дипломатите на двете држави се обидуваат да ја организираат втората меѓувладина комисија, да го договорат акцискиот план и патоказот ако евентуално има договор.
Османи најави дека утре треба да има средба со премиерот и со претседателот на Бугарија, Румен Радев, во рамки на самитот на НАТО. Ја најави и средбата в четврток со неговиот бугарски колега, потенцирајќи оти секоја минута е битна за да се испорача решение и да се деблокира процесот.
Османи потенцира дека Владата не бега од обврските за исполнување на Договорот за добрососедство и без ЕУ мониторинг. Но, подвлече, доколку тоа значи повеќе доверба на Република Бугарија дека имплементацијата ќе биде неповратна и одржлива, тогаш Советот за асоцијација и стабилизација е добро решение, притоа зачувувајќи ги принципите на ЕУ и на нашата земја, дека тоа не треба да биде од преговарачкиот процес и Копенхашките критериуми, не само заради нас туку заради тоа што се воспоставува преседан што потоа, утре ќе ги блокира сите земји во регионот.
– Очигледно и вие забележувате една невообичаена зголемена активност од сите земји членки и едно јасно искажување на ставот. И не само од претседателот Макрон, меѓутоа и од други официјални лица на земјите членки на ЕУ дека прашањето на кредибилитетот на европската идеја во регионот се сведува на Република Северна Македонија. Ако на ова перфектно досие не се одговори позитивно, навистина се создава сомнеж во регионот колку е веродостоен овој проект. Мислам дека тоа го чувствуваат земјите членки, јавно ја вреднуваат нашата работа, нашите постигнувања со квалификации коишто се невообичаени од типот дека нашата приказна станува модел за прогрес на земјите од регионот кон ЕУ, меѓутоа остануваат разликите со Република Бугарија. Јас не сум во состојба во моментот да кажам каков ќе биде исходот на 22 јуни, изјави вчера Османи.
Според министерот Османи, единствениот предлог на маса е португалскиот предлог за кој, како што рече, сметаме дека е добра основа за решение.
– Предлогот на Португалија предвидува мониторинг од страна на ЕУ на имплементацијата на Договорот за пријателство од 2017 преку патоказ којшто има јасни рокови и институции одговорни за имплементација, а којшто ќе биде мониториран во рамки на Советот за асоцијација и стабилизација, којшто се одржува еднаш годишно, а го водат високиот претставник, во случајот Борел од страна на ЕУ и министерот за надворешни работи, но се присутни сите земји членки и секој заклучок од Советот мора да биде одобрен со консензус од сите земји членки, објасни вчера Османи.
Според него, прашањето на одложување на европската перспектива на регионот има сериозни геополитички консеквенции.
Во однос на работата на Историската комисија, Османи вели дека е тоа важна компонента на Договорот за добрососедство и оти досегашните резултати не се за занемарување, но, дека не треба да очекуваме тоа да се заврши за една година.