-За време на дводневните работни сесии ќе бидат разгледани прашања од стратешко значење на Алијансата, како што се состојбите во Авганистан, справување со актуелните и идни безбедносни предизвици, како и соработката со партнерите. Министрите ќе расправаат и за новиот Стратешки концепт на НАТО, како значаен документ во однос на идната геостратешка улога на Алијансата. Од особено значење ќе биде дискусијата за стабилноста и просперитетот на Западен Балкан, каде се очекува да биде истакната потребата од заедничко, стратешко делување и пристап на НАТО и ЕУ кон Западен Балкан како основен предуслов за стабилноста и просперитетот на регионот, се вели во соопштението од МНР.
На маргините на состаноците во Рига, како што информираат од Министерството за надворешни работи, во агендата на Османи се предвидени и бројни билатерални средби со министри за надворешни работи на земјите-членки на НАТО.