Демократската унија за интеграција ќе го одржи својот партиски конгрес најдоцна до 20 декември, одлучи Централното претседателство на партијата на денешната седница во Мала Речица, свикана од нејзиниот лидер Али Ахмети.

По состанокот, потпретседателот и портпарол на ДУИ, Арбер Адеми, изјави дека на седницата се разговарало за тековните политички случувања во државата, состојбата во коалицијата и за внатрепартиските процеси.

„Дискутиравме за сите развои, за политичките развои и внатрешните развои во ДУИ, за колицијата итн. Имајќи предвид дека истечен рокот и за партиски конгрес, соочувајќи се со овие политички развои во државата е одлучено до 20 декември да се организира партиски конгрес,“ изјави Адеми за медиумите.

На новинарско прашање дали било отворено прашањето за оставки по изборните резултати, Адеми нагласи дека тоа не било тема на дискусија, бидејќи партијата се подготвува за внатрепартиски избори.

„Вчера на прес-конференцијата претседателот Ахмети кажа дека ние пораката ја примивме. На национално ниво сепак, остануваме најголемата политичка опција со над 23.000 гласа повеќе. За некои општини, да, тоа е резултат што веќе го имаме што вчера беше соопштен пред јавноста. И секако дека ДУИ влегува во процес на обнова и затоа се организира и партиски конгрес кој ќе треба да биде одржан до 20 декември,“ додаде тој.

Адеми информираше и дека е донесена одлука за формирање организациски одбор за подготовка на конгресот, кој ќе брои осум членови на партијата.