Пратеничката и претседателка на ЛДП Моника Зајкова реагираше на предлог-измените на Законот за пратеници поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, со кои се предвидува пратеник да може да биде лице со исклучиво македонско државјанство, оценувајќи дека ваквата одредба треба да важи за сите избрани и именувани функционери.
Бара еднаков пристап за сите функции
Зајкова смета дека законите мора да се применуваат еднакво и без исклучоци. Таа посочува дека, како што условите важат за претседателот на државата, јавниот обвинител и амбасадорите, така треба да важат и за сите функционери – пратеници, министри и директори.
„Законот треба да важи еднакво за сите. Без исклучок и без одлагање“, порача Зајкова во објава на Фејсбук.
Повик за нотарски изјави и оставки
Таа ги повика колегите пратеници и функционери да заверуваат изјави пред нотар дека немаат друго државјанство освен македонското, како и дека не поседувале двојно државјанство при стапување на функцијата.
Според неа, доколку се утврди дека некој имал двојно државјанство, треба веднаш да поднесе оставка. Воедно, таа апелираше и предлагачите на законските измени да побараат одговорност и од министрите кои евентуално имале или имаат двојно државјанство.
„Ќе почнам од себе“ – личен пример од Зајкова
Во својата реакција, Зајкова истакна дека е подготвена лично да завери изјава пред нотар како доказ дека нема друго државјанство. Таа повика и останатите функционери да го направат истото, со цел, како што наведува, да се избегнат двојни стандарди и недоследности.
Во меѓувреме, пратеникот Бојан Стојаноски изјави дека предложените измени ќе важат и за актуелниот парламентарен состав, а не само за идните пратеници.
