Три клучни аудиозаписи од истрагата за железничката несреќа во Шпанија ја откриваат низата грешки на контролата и диспечерите во Мадрид, кои однесоа 68 човечки животи. Снимките ги објави шпанскиот весник „Ел Паис“.
Според документите и звучните записи, дежурниот контролор од главната станица „Аточа“ во Мадрид му издал наредба на машиновозачот на супербрзиот воз „АВЕ“, кој се наоѓал на 25 километри зад застанатата композиција на „Ирио“, да продолжи со „нормално возење“. Наместо безбедносниот протокол што наложува внимателно движење „на видик“ со ограничување од најмногу 40 километри на час, контролорот без проверка дали пругата е слободна дал одобрение за полна брзина.
Снимките сведочат за хаос во контролниот центар. Додека машиновозачката на застанатиот воз „Ирио“ повеќепати се јавувала пријавувајќи дека нејзиниот воз е закочен на шините поради дефект на безбедносниот систем „LZB“, контролорите ги игнорирале предупредувањата. Во последниот разговор во 8:48 часот, точно пет минути пред несреќата, никој од контролата не го известил возот „АВЕ“ да кочи, ниту ја активирал кочницата за опасност.
Во 8:53 часот возот „АВЕ“ со голема брзина удрил во застанатиот „Ирио“. Шпанската влада потврди дека усната наредба и прекршувањето на заштитните протоколи се главната причина за железничката катастрофа.
