– Тоа што сакавме да потврдиме односно исклучиме е дали има некаква врска со ковид. И затоа кај сите деца се направи серолошка анализа на крвта за да се види дали евентуално имаат антитела односно дали можеби во изминативе година дена го поминале ковидот асимптоматски. И тоа не е случај, изјави Филипче додавајќи оти тоа значи дека ниту едно од овие деца нема антитела за прележан ковид.

Второто прашање е зошто сега во толкава бројка посебно во еден регион, но како што потврди Филипче, зголемен број на случаи нема само во Гевгелија туку и во детската болница за респираторни болести во Козле.

– Очигледно е дека сега имуниот систем на некој начин проработува поради тоа што подолго време биле изолирани. И сега како се раздвижуваат децата доаѓаат во контакт со предизвикувачи и на тој начин реагира имуниот систем, рече Филипче.

Инаку, како што веќе објави Мета, зголемен број на случаи на респираторен синцицијален вирус е забележан и во други држави вклучувајќи ги и САД.

Прим. д-р Аспазија Софијанова, директорката на Клиниката за детски болести, за Мета изјави дека причина за појавата на голем број деца со респираторните синцицијални вируси е тоа што децата долго време седеле дома заради ковид-пандемијата.

– Децата беа дома долг период, а сега им се разбуди имунолошкиот систем. Сега се јавија инфекциите кои нормално требаше да се јават во февруари/март. Сега сите се во градинка, дополнително и клима уредите си го прават своето. Ќе ја потврдиме вечер точната инфекција со анализи. Нема возрасни заболени, само деца се. Имам информација дека има случаи и во други градови, но очекувам состојбата да се стабилизира кога ќе појдат сите на летни одмори, вели д-р Софијанова.