Црногорската влада одлучи да исплати околу 18 милиони евра отштета на хрватските граѓани кои биле затворени во логорот Морињ во близина на Котор во почетокот на 1990-тите години. Одлуката следува по постигнатиот билатерален договор меѓу Подгорица и Загреб.

Владата во петокот усвои извештај за завршените преговори со Хрватска за склучување договор за отштета за хрватските граѓани кои биле присилно притворени во логори на територијата на Црна Гора од 30 септември 1991 година до 18 август 1992 година. Усвоен е и протокол за спроведување на договорот.

Спогодбата предвидува отштета за лицата кои биле притворени и мачени во логорот Морињ и за наследниците на оние чија смрт може директно да се поврзе со нивниот престој во логорот.

Износите што поединечните поранешни притвореници веќе ги добиле врз основа на пресудите на црногорскиот суд ќе бидат одземени од планираните 18 милиони евра. Износот на поединечната отштета ќе се утврди за секој случај посебно.

Парите ќе бидат уплатени во хрватскиот државен буџет, а списоците на лица опфатени со компензацијата ќе бидат составен дел од протоколот. Црногорскиот министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ е овластен да го потпише договорот со Хрватска.

Според податоците, 292 лица од областа на Дубровник биле притворени во логорот Морињ, кој го основала Југословенската народна армија на 3 октомври 1991 година и кој функционирал до 18 август 1992 година.

Компензацијата за поранешните притвореници од Морињ претставува едно од осумте отворени прашања што Хрватска очекува Црна Гора да ги реши пред завршувањето на преговорите за пристапување со Европската Унија.

Во октомври црногорската влада донесе одлуки за зачувување на спомен-плочата во Морињ и за промена на името на градскиот базен во Котор. Другите барања од Загреб кои остануваат нерешени се сопственоста на бродот за обука „Јадран“, судбината на исчезнатите Хрвати, гонењето на воените злосторства, враќањето на имотите и разграничувањето меѓу двете држави.

Хрватска се спротивставува на затворањето на преговарачкото поглавје 31 на Црна Гора за надворешна, безбедносна и одбранбена политика, а минатата недела ја повлече согласноста за поглавјето за енергетика поради несогласувањата за морската демаркација.

Црна Гора планира да ги заврши преговорите за пристапување до крајот на оваа година и да стане полноправна членка на Европската Унија во 2028 година.

Претседателот на црногорскиот парламент и лидер на Новата српска демократија Мандиќ соопшти дека владата прифатила и предлог за обештетување на семејствата на затворениците од сплитскиот затвор Лора во износ од 200.000 евра по семејство.

Мандиќ информираше дека предлогот е усвоен на негова иницијатива и на предлог на вицепремиерот Будимир Алексиќ. Тој не прецизираше колку семејства ќе бидат опфатени со оваа мерка ниту кога точно ќе започне исплатата.

Во 1992 година во воениот затвор Лора во Сплит биле притворени цивили и воени заробеници, меѓу кои и припадници на ЈНА од Црна Гора.

Осум припадници на хрватската воена полиција се правосилно осудени во хрватските судови за воени злосторства против цивили и воени затвореници во случаите познати како Лора 1 и Лора 2.

Посебниот предмет Лора 3 се однесува на смртта на припадници на резервните сили на ЈНА од Црна Гора од Никшиќ-Шавничката група, случај за кој хрватското обвинителство сè уште нема подигнато обвинение.