Во Гевгелија денеска беше отворен Центар за дневен престој на стари лица со активно стареење. Отворањето претставува чекор кон создавање подостапни социјални услуги за повозрасните граѓани во локалната заедница.

Центарот е наменет за лица над 65 години, особено за оние кои живеат сами, се соочуваат со осаменост и социјална изолација или имаат потреба од дневна поддршка, дружење и активности.

Капацитетот на Центарот е 50 корисници, а просторот ќе биде наменет за дружење и одмор, но и за различни креативни, културни, едукативни и рекреативни активности. Предвидени се и здравствено-превентивни содржини.

„Центарот е наменет за лица над 65 години, особено за оние кои живеат сами, се соочуваат со осаменост и социјална изолација или имаат потреба од дневна поддршка, дружење и активности. Со капацитет за 50 корисници, Центарот ќе биде место за дружење, одмор, креативни, културни, едукативни и рекреативни активности, како и здравствено-превентивни содржини – со една јасна цел: повозрасните граѓани да имаат достоинствен, активен и квалитетен живот“, изјави министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.

Велковски посочи дека Министерството за социјална политика, демографија и млади продолжува со активности насочени кон приближување на социјалните услуги до граѓаните. Според него, целта е секој човек, без оглед на возраста, да има поддршка и можност за активен живот во својата заедница.

„Отворањето на Центарот е потврда дека со соработка меѓу институциите, локалната самоуправа и организациите кои работат директно со граѓаните, можеме да создадеме услуги кои имаат вистинско и директно влијание врз квалитетот на животот на луѓето“, нагласи министерот.