Четириесет и едногодишен жител на Кочани, осомничен за кривично дело поврзано со дрога, побегнал од Полициската станица Кочани додека бил задржан во просторија. Тој отворил прозорец и се дал во бегство, а полицијата сè уште трага по него.
Станува збор за А.Л. (41) од Кочани, кој претходно бил приведен заедно со уште две лица. Тројцата биле затекнати во автомобил „субару“ со кочански регистарски ознаки, во кој била пронајдена и одземена бела прашкаста материја. А.Л. се наоѓал во возилото, но не бил возач.
Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека бегството се случило на 10 јули околу 20:35 часот во Полициската станица Кочани.
„А.Л. (41) од Кочани, кој претходно бил задржан во полициската станица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело, од просторија отворил прозорец и се дал во бегство. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето“, информираа од МВР.
Полицијата продолжува со потрагата по осомничениот и со преземање мерки за целосно расчистување на случајот.
