Во врска со вчерашната средба со поранешниот претседател на СДСМ Зоран Заев и претседателот на ДУИ Али Ахмети, актуелниот премиер и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски рече дека разговарале за тоа како би требало да изгледаат настапите на политичките партии на наредните избори.
Вчера разговаравме за тоа како државата треба да напредува кон полноправно членство во Европската унија. Секој од нас можеше да ги сподели своите искуства од мандатите што ги имал. Разговаравме и за тоа како би требало да изгледаат настапите на политичките партии на наредните избори, се разбира, низ призма на искуството кое секој го поседува. Ова ниту е прва, ниту последна средба, посебно за некои кои се знаат три децении, рече Ковачевски.
Во однос на предизборните и изборните коалицинирања со ДУИ, Ковачевски нагласи дека прават анализи во СДСМ со коалициските партнери. Смета дека на државата и треба една европска коалиција која, како што рече, ќе осигура сигурна европска иднина за државата без никакви неизвесности, изолации и политички еквилибристики како што ги имало во текот на 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ, за жал, повторно нема концепт кој гледа напред. Гледате дека сите нивни изјави се во некакви претпоставки, по некакви сценарија кои немаат никаква реална основа во политичките процеси ниту во државата, ниту во регионот, ниту во Европа. Сметам дека граѓаните тоа знаат да го ценат и на 24 април на претседателските избори и на 8 мај на парламентарните избори, повторно Владата ќе биде формирана од страна на СДСМ и коалициските партнери, рече Ковачевски.